Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Велика Среда

На Велика Среда (грч: Μεγάλη Τετάρτη) Црквата ги спомнува настаните околу предавството на Христа од страна на еден од дванаесетте апостоли, Јуда Искариот за триесет сребреници, како и помазувањето од страна на покајаната грешница. Имено, по Христовите беседи пред народот, како и јасното пророкување на тоа што треба да се случи, следи помазувањето на Христа од страна на една жена - грешница во Витанија, во домот на Симон прокажаниот, кого Христос претходно го излекувал. Тука треба да се направи разлика помеѓу помазувањето кое шест дена пред Пасха го извршила Марија, сестра му на воскреснатиот Лазар, како благодарност кон Господа.

Покајаната грешница го донела мирото во сад од алавастер; мирото преставува миризлива течност направено од најдобро маслиново масло и смолести материи (како смирна или разни цветови). Гледајќи го помазувањето, Неговите ученици негодувале, сметајќи дека вредноста на мирото би можела да се употреби на поинаков начин - да се продаде и со тие пари да им се помогне на сиромашните. На тоа, Христос им одговорил дека Тој не е тука постојано, додека сиромашните ги имаат секогаш околу нив; уште повеќе, им ја открил вистинската причина поради која жената Го помазала - тоа било сторено за Неговиот погреб, пророкувајќи дека христијаните секогаш ќе се сеќаваат на таа жена, што се потврдува и до ден денешен.

Тогаш Јуда, воден од страста на сребрoљубието, увидувајќи дека нема никаква материјална полза од неговото следење и гневен на својот Учител, оди кај првосвештениците и преговара за предавството. Тројца од Евангелистите зборуваат за советувањето на првосвештениците со старешините јудејски околу погубувањето Христово. Плашејќи се од народни немири, се договориле да Го фатат со лукавство, во тајност и скришност, по завршувањето на пасхалните прослави. Но бидејќи нашле предавник кој би можел тајно да го предаде, и обземени од бесот, решиле тоа да го сторат дури и порано, за време на Пасхата. Овој собир се одржал во дворот на првосвештеникот Кајафа, чие вистинско име било Јосиф, зет на претходниот првосвештеник Анан. Самата цена која била понудена, и за која Јуда не преговарал, е само исполнување на пророштвото Захариино (Захариј 11,12-13).

Во утрото на Велика Среда, по завршената Литургија на Претходоноосветени Дарови, за последен пат се чита великопостната молитва на Св. Ефрем Сирин, и се прават три големи поклони. Потоа веќе не се прават поклони, освен пред плаштеницата на Спасителот во центарот на храмот.

Нов Завет

  • Утрена: Јован 12,17-50
  • Литургија на Претходно Осветени Дарови: Матеј 26:6-16

Стар Завет

  • Час Шести: Језекиил 2:3-3:3
  • Вечерна: Исход 2,11-22; Јов 2:1-10

Химнографија

Кондак

глас четврти
Повеќе од блудницата, Добар, беззаконствував,
изобилни солзи никако Тебе не ти принесов:
но со молчење молејќи се, Ти припаѓам,
со љубов целивајќи ги Твоите пречисти нозе:
за да ми дадеш, како Владетел, простување на долговите,
велејќи Ти, Спасe: од моите скверни дела избави ме.

Видете исто така

Надворешни врски