Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Преподобен Јоаникиј Велики

Ова големо духовно светило, преподобниот Јоаникиј Велики се роди во селото Марикати во областа Витиниска, од татко Миритрикиј и мајка Анастасија. Како момче беше овчар. Пасејќи ги овците често се повлекуваше во самотија и по цел ден стоеше на молитва, оградувајќи го своето стадо со знакот на крстот за да не се оддалечува и разотидува.

Потоа го зедоа во војска, каде што покажа чудесна храброст, особено во војните против Бугарите. По војничката служба Јоаникиј се повлече во Олимп Азиски, каде што се замонаши и сиот се предаде на подвиг, од којшто не отстапи до длабока старост, до својата смрт. Се подвизуваше над педесет години, и тоа на разни места. Имаше од Бога изобилен дар на чудотворство: лечеше секакви маки и болести, изгонуваше демони, скротуваше ѕверови, особено имаше власт над змиите, преминуваше преку вода како по суво, беше невидлив за луѓето кога ќе посакаше, пророкуваше идни настани. Се одликуваше со преголемо смирение и многу кротост. По надворешниот изглед беше како џин, крупен и силен.

Живо учествуваше во судбината на Црквата Божја. Во времето на иконоборството и самиот најпрво се опрелести, но си дојде на себе и стана ревносен поборник на иконопочитувањето. Му беше голем пријател на Методиј, патријархот Цариградски. Св. Јоаникиј поживеа деведесет и четири години и се упокои мирно во Господ, во 846 година. И после смртта остана чудотворец.


Изворниот материјал користен за креирањето на оваа статија е заштитена содржина © од Македонската Православна Црква.

Администраторите на страницата на Македонската Православна Црква го дадоа нивниот благослов за користење на овие материјали за потребите на Православната енциклопедија (од страна на администраторите и соработниците), при што е потребно да се нагласи изворната содржина, односно да се постави врска кон оригиналната страница.

Статијата може да биде променета и надополнета од страна на администраторите, соработниците и корисниците на OrthodoxWiki.