Есхатологија

Од Православна-енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Во најопшта смисла есхатологијата е — учење за „последните нешта“, за конечните судбини на светот и човекот. Самиот терминот есхатологија потекнува од грчкиот збор „есхатос“, што значи „последен“, а исто така и „крај“, „крајна граница“.

Од една страна, есхатологијата кажува за тоа, дека светот како космос, како животно пространство на човекот, без оглед на неговата изопачена состојба, не е туѓ за христијаните. Христијаните не смеат да бегаат од светот, во кој дошол Божјиот Син за да го спаси. Токму во светот Црквата, која е Телото Христово, ја има својата мисија. Тоа е мисија за просветување и осветување на светот. „Не молам, Ти да ги земеш од светот – говори Спасителот за Своите ученици во Првосвештеничката молитва, — туку да ги зачуваш од злото” (Јн. 17. 15). Христијаните не смеат да потонуваат во апокалиптичките очекувања на скориот Крај на историјата, заборавајќи го својот долг и повик во историјата на овој свет. Но, од друга страна, есхатологијата кажува за тоа, дека судбината и повикот на човекот не се ограничува со престојот во овој свет, каде што, во крајна сметка, победува смртта. Зашто, смртта веќе е победена со Воскресението Христово. И таа победа ќе восторжествува по крајот на овој свет, кога Господ кој дошол во слава ќе Му го предаде Своето Царство на Бог и Отецот (1 Кор. 15. 24). И тогаш ќе се јават Новото небо и Новата земја — каде што живее правдата.

Есхатологијата и Символот на верата

Како резултат на гревопадот, човекот отпаднал од Бога. Сепак, Бог кој е богат со милост, не го презрел Своето создание и сè извршил заради нас и заради нашето спасение — сè до тоа, што го дал Својот Еднороден Син, за секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот (Јн. 3. 16). Тој вечен живот, приготвен за Христовите верни, настапува веднаш по есхатолошкото завршување на битието на „овој свет“. во Никео-Цариградскиот Символ на верата оваа есхатолошка вистина е изразена во форма на надежта на секој христијанин: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“.

Овие зборови укажуваат на два идни есхатолошки настана. Како прво, сите умрени повторно ќе станат од мртви во последниот ден; и, како второ, ќе се отвори новиот век, новиот преобразен свет, чии жители ќе станат сите што нашле спасение во Христа. А, меѓу овие настани е — Божјиот Суд над стариот свет. Символот на верата кажува за второто доаѓање на Господ Исус Христос. Ако Неговото прво доаѓање било во образ на слуга, второто ќе биде во слава, за да им суди на живите и умрените. Господ ќе дојде повторно, за да се зацари во новиот свет и неговото Царство не ќе има крај. Така, Денот Господов кој ја завршува историјата станува почеток на невечерниот ден, а есхатолошкиот крај на светот е почеток на бесконечното Царство Христово.

Есхатологијата во Светото Писмо

Во Светото Писмо се говори за „последни времиња“ (Ис. 2. 2; Дан. 8. 19) и за „последни денови“ (или „последниот ден“ — Јов 19. 25; Јн. 6. 39). Се говори и за тоа, дека ќе настапи големиот „Ден Господов“, кога Бог ќе го изврши Својот суд над светот, кој отстапил од Него. Оттука е првата смсла на есхатологијата: постоењето на овој свет во времето, светот кој од ништо е создаден од Бога како резултат на Нeговиот творечки акт, ќе има крај. Историјата на овој свет има не само почеток, туку и крај. И тој крај на историјата исто така ќе биде и завршување на Домостроителството на нашето спасение.

Ако се обрне поглед кон сведоштвата на првоврвниот апостол Петар, ќе се видат две, на прв поглед противречни, тврдења.

Од една страна, во своето Второ Послание тој говори за последни денови, имајќи го предвид денот на Судот, настапувањето на денот Господов — доаѓањето на денот Божји, во кој запаленото небо се урива и разгорените стихии се распаѓаат (2 Пет. 3. 10, 12). Овде апостолот говори за ветувањето на новото небо и новата земја, на кои владее правдата (2 Пет. 3. 13).

А од друга страна — што вели апостолот Петар во денот Педесетница, т.е. десет денови по Вознесението на Воскреснатиот Господ? За да им ја истолкува на присутните смислата на она што се извршува пред нивните очи — Слегувањето на Светиот Дух на Христовите ученици, апостолот го наведува старозаветното есхатолошко пророштво. Тоа се зборови на пророкот Јоил за идното настапување на денот Господов, големиот и страшен, кога Бог ќе излие од Својот Дух на секоја плот (Јоил 2. 28; Дела. 2. 17). И во дадениот случај последни денови апостолот го именува времето на изливање на преизобилната благодат на Светиот Дух на почетната Црква на апостолите и учениците Христови. Како да се помири оваа очигледна противоречност на апостолското сведоштво? Тоа се помирува тогаш, кога ние во едно видение ги обединуваме двете смисли на христијанската есхатологија — историската и онаа, што се открива во благодатното духовно искуство на Црквата.

И тогаш како есхатолошко возвестување се јавува самото Свето Евангелие на Господ наш Исус Христос, т. е. благовестието за доаѓањето во светот на Спасителот. Последниот — е Христос. Така, во книгата на Тајносозерцателот, апостолот и евангелист Јован Богослов, за Христа вели, дека Он е Првиот и Последниот (протос и есхатос), Кој беше мртов, и еве, жив е (Откр. 2. 8). И Самиот Господ говори: Јас сум Алфа и Омега..., Кој е и беше и доаѓа, Седржителот (Откр. 1. 8). Така, последните времиња — тоа пред сè е онаа полнота на времињата (Гал. 4. 4), кога се јавува Синот Божји, кој со Воплотувањето станува Син Човечки. Значи — и вистиски, Богопомазан Цар.

Со доаѓањето на Царот-Христос доаѓа и Царството Божјо. Првиот пат тоа доаѓа на незабележлив начин (Лк. 17. 20) за надворешниот свет. Уште повеќе , светот го отфрла Христа како Спасител и Искупител. Но, Царството Божјо наоѓа место во секој Христов ученик и следбеник, меѓу нас христијаните (Лк. 17. 21). Од оваа гледна точка последното време — е времето на искупителното дејствување на Синот Божји и создавањето на Христовата Црква на каменот на апостолското исповедание. Така, апостолот Петар вели: Не со гнилежно сребро или злато сте искупени од суетниот живот што ви го предале татковците, но со драгоцената Крв на Христа како непорочно и чисто Јагне, предназначено уште пред создавањето на светот, а кој се јави во последните времиња за вас (1 Пет. 1. 8–20).

Во исто време зацарувањето на Бога во Црквата сè уште не е победа на Божјото Царство во овој свет. Црквата е присуство на Божјото Царство на земјата, но овој свет — во евангелската смисла на овој поим – останува надвор од Црквата. Светот кој во зло лежи, во кој царува гревот и победува пропадливоста — тој свет престојува во очекување на крајот, завршетокот на својата историја. Токму во овој свет мора да се јави Антихристот. Сепак во Црквата, која престојува во овој свет, царува Спасителот Христос.

Христовото Доаѓање често се означува со зборот парусија, што истовремено значи и присуство и доаѓање. Тој збор успешно ја изразува двојната смисла на христијанската есхатологија. Есхатолошката епоха во историјата на светот започнува уште од првото доаѓање на Христа. Настапуваат тие последни времиња, кои не се нешто друго, освен времето на Црквата, времето на нејзината мисија во светот. Зашто по Своето Вознесение Господ не ја остави Својата Црква. Давајќи ѝ ја заповедта за проповедање дури до крајот на земјата, Он ѝ го дава и ветувањето за Своето присуство: И ете, Јас сум со вас во сите денови до крајот на векот (Мт. 28. 20).

Со други зборови, Црквата живее и го извршува своето служење во временски меѓупериод меѓу двете доаѓања на Спасителот. И за самата Црква, второто Христово доаѓање не е радикално нов настан. Зашто Црква во духовен однос веќе престојува во крајот на времето на светот, веќе е со Христа. Тоа престојување на Црквата, не само во историското, туку токму во есхатолошкото време, е особенно јасно израазено во Евхаристиската молитва, која се извршува во времето на Божествената литургија. Во таа молитва ние го спомнуваме, т.е. осознавме и секогаш повторно го преживуваме, целото дело на нашето спасение: Поминающе убо спасительную сию заповедь (т. е. заповедта за извршување на Вечерата Господова) и всја, јаже о нас бившаја: крест, гроб, тридневное воскресение, на небеса восхождение, одесную седение, второе и славное паки пришествие (второто и славно повторно доаѓање) Твоја од Твоих Тебе приносјащее о всех и за всја, Тебе поем...

Ова е вистински есхатолошки текст, во кој е нарушена обичната логика на времето. Зашто, Црквата е устремена во иднината, која за неа веќе настапила, која што таа веќе ја преживува. За тоа сведочи дијалогот на свештенослужителите за време на литургијата: Христос посреди нас! — И есть, и будет! За Црквата второто доаѓање на Христа е — доаѓање во светот во слава на Оној што веќе престојува во Црквата, зашто е нејзината Глава. Така, целосното есхатолошко видение препоставува задржување во свеста на два аспектa на парусијата — како сè уште само настапувачко второ доаѓање на Спасителот и како веќе извршено и Негово постојано извршувачко присуство во Црквата. Идното доаѓање е доаѓање во овој свет. И тоа е страшно за светот, бидејќи значи Суд над него. И затоа тоа е страшно и за нас — во онаа мерка, во која ние самите го носиме во себе овој свет, во која живееме според неговите стихии и закони.

Истовремено отсекогаш христијаните, исполнети со вера и надевање, со радост очекувале второто доаѓање на својот Господ и Спасител, чекајќи го животот на идниот век.

За идното второ доаѓање на Спасителот во Светото Писмо се говори таинствено и прикриено. И за тоа зборува не само апостолот и евангелист Јован Богослов во својата книга Откровение, туку и Самиот Господ во Евангелието, во така-наречениот «мал апокалипсис» (Мк. 13). Овој последен текст не остава никакви сомневања во однос на историските рокови за настапување на Крајот на светот: За тој ден, или час, никој не знае, ни небесните Ангели, ни Синот, туку само Отецот (Мк. 13. 32). Затоа и главната заповед што ни ја дава Спасителот во врска со пророштвото за Крајот, е таква: Внимавајте, бодрувајте, молете се, зашто не знаете кога ќе настапи тоа време (Мк. 13. 33).

Извори

  • „Есхатолошкото учење на Црквата“, Митрополит Мински и Слуцки Филарет