Преображение на Господ Исус Христос

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 16:24, 29 декември 2009; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (Надворешни врски)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај
Преображение на Господ Исус Христос

Празникот Преображение на Господ Исус Христос се слави секоја година на 19 август, односно 6 август. На овој ден се прославува преображението (metamorphosis) на Христос на Тавор, кога Господ Се појави во сета Негова слава пред апостолите Петар, Јаков и Јован.

Значење и символика

Во три од четирите Евангелија се говори за овој настан: Матеј 17,1-9, Марко 9,2-8 и Лука 9,28-36. За да не ослабе верата на апостолите со Неговото страдање кое претстоело, и за Неговите ученици да не отпаднат од Него, Господ Исус Христос сакал да им покаже барем дел од Својата божествена слава. Преображение на Господ Исус Христос се нарекува настанот преку кој Тој, Премудроста, им посведочил за ова. Затоа ги зел со Себе Петар, Јаков и Јован и излегол со нив ноќе на гората Тавор и таму се преобразил пред нив. И заблескало лицето Негово како сонце, а облеката му побелела како снег, а покрај Него се појавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија.

Апостолите, восхитени, не знаеле што да прават. И, како што се запишано во Светото Писмо, Петар Му се обратил на Христа и Му рекол: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме три сеници: една за Тебе, за Мојсеј една, а една за Илија.“ Но додека Петар уште говорел, се оддалечиле Мојсеј и Илија и сјаен облак ги опфатил Господ и учениците и дошол глас од небото: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“ Откако го слушнаале овој глас учениците паднале земјата како мртви и останале така додека Господ не им пришол и им рекол: „Станете и не бојте се“ (Матеј 17).

Откако слегле од гората, Исус им заповедал да не зборуваат за тоа што го виделе, додека Тој не воскресне.

Историја на установување на празникот

Иако споменуваниот настан се случил 40 денови пред распнувањето на Спасителот, тој се празнува во август, а не во февруари, бидејќи така празнувањето би се паѓало во време на Великиот пост. По востановената традиција, временскиот период од 40 денови го одделува Преображението од празникот Воздвижение на Крстот Господов (27 септември / 14 септември по ст. ст.), кога Црквата повторно ги споменува Христовите страдања и Неговото страдање на крстот.

Празникот Преображение е прославуван во 8 век, во Цариград, но се чини дека празнувањето е превземено од Црквата во Ерусалим. Првата слика која го прикажува празнувањето датира од 6 век. Најверојатно, празникот Преображение бил востановен во IV век – кога рамноапостолната Елена, мајката на Константин Велики, изградила на гората Тавор храм во чест на Преображението Господово.

За тоа сведочат и поуките од св. Ефрем Сириски и св. Јован Златоуст. Постоењето на празников во IV век покажува дека неговиот почеток е во претходните три векови на христијанството. Зачувано е слово од св. Андреј Критски (635-680) на Преображение Господово. Во тоа слово терминот «Преображение» се разгледува, не само во догматска смисла, туку и во смисла на вистинско црковно торжество. Во VIII век свети Јован Дамаскин и Косма Мајумскиј составиле повеќе стихири и канони на овој празник, со кои Православната Црква го прославува настанот и денес.

Овој празик бил празнуван во втората недела на Великиот Пост, која сега е посветена на св. Григориј Палама, најгласниот учител на исихазмот, со што се сведочи тесната поврзаност помеѓу Преображението и исихастичкото предание.

Иконографија

На иконата на празникот Преображение, Христос е централен лик, појавувајќи се со доминантна поставеност во кружна мандорла. Се наоѓа јасно во визулениот и богословскиот центар на иконата. Десната рака Му е крената и со неа благословува, а во левата држи завиткан лист. Мандорлата, со сјајните нијанси на бела, златна и сина ја претставува божјата слава и светлина. Ореолот околу Христовата глава е испишан со зборовите O on, со значење „Оној Кој Е“. Свети пророк Илија и Мојсеј се поставени на два посебни висини, лево и десно од Христос. Се поклонуваат пред Него, со десната рака подадена кон Него, како гест на застапување и потврдување. Како што учи свети Јован Златоуст, на оваа икона се насликани токму тие двајца, за да ги символизираат Законот (Мојсеј) и Пророците (Илија), живите и мртвите.

Под Христос се трите апостоли, кои се насликани според нивното доживување на тоа што го виделе. Јаков паднал наназад, со неговите раце затворајќи ги очите. Јован е изнемоштен, во центарот; Петар коленичи и ја крева својата десна рака кон Господа, искажувајќи ја неговата желба да направи три сеници. Нивните одежди се несредени, за да се прикаже нивната потресеност од тоа што го виделе.

Осветување на плодовите

На денот кога го празнува празникот Преображение, Црквата во склад со древнохристијанскиот обичај, во православните храмови врши осветување на вода и плодови, посебно грозје. Овој обичај е средишен обичај на осветување кој се врши во месец август - имено, на првиот ден од Успенскиот пост се осветува вода и мед, на Свето Преображение се осветува грозје, а на 29 август се осветуваат јаболка.

Химнографија

Тропар

глас 7
Се преобрази на гората, Христе Боже,
покажувајќи им ја Твојата слава на Твоите ученици,
колку што можеа,
да ни засвети и нам, грешните,
Твојата вечнопостојна Светлина
по молитвите на Богородица,
Дарителу на Светлина, слава Ти.

Кондак

глас 7
На гората се преобрази, Твојата слава, Христе Боже, ја видоа
и колку што примаа Твоите ученици,
за кога ќе Те видат распнат,
да разберат дека страдањето е доброволно,
а на светот да му проповедаат,
дека Ти навистина си сјаење на Отецот.

Задостојник

глас 4
Величај го, душо моја,
Господа кој на Тавор се преобрази.
Рождеството Твое непропадливо се јави:
Бог низ твојата утроба помина,
како Плотоносец се јави на земјата,
и со луѓето живееше.
Тебе, Богородице, со Него сите те величаме.

Видете исто така

Надворешни врски