Православна Црква

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 14:16, 26 март 2009; направена од Iacovibus (разговор | придонеси)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Црквата е наречена Тело Христово и Невеста Христова во Светото Писмо. Црквата се споредува и со свет храм Божји и се нарекува столб и тврдина на вистината. Црквата е една зашто Бог е еден и затоа што и Христос и Светиот Дух се едно. Може да постои само една Црква, а не многу. И таа една црква, затоа што нејзиното единство зависи од Бога, Христа и Духот, не може никогаш да се разбие.

Единство и светост на Православната Црква

Така, според православното учење, Црквата е неделива; луѓето можат да бидат во неа или надвор од неа, но не можат да ја делат; Црквата е востановена со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на Педесетница. Според православното учење, единството на Црквата е слободно човеково единство во вистината и љубовта Божја. Ваквото единство не го донесол некој човечки авторитет или правна сила, туку самиот Бог. Православните христијани веруваат дека во Православната црква секогаш постоела можност за потполно учествување во Црквата Божја и дека само гревовите и погрешните човечки избори (ересите) ги поставувале луѓето надвор од оваа заедница. Православните сметаат дека кај неправославните христијански групи постојат извесни препреки, кои се различни во различните групи, и кои, ако луѓето ги прифатат и се поведат по нив, го спречуваат нивното совршено единство со Бога.

Во рамките на единството на Црквата човекот е навистина она за што е создаден и назначен да биде и може да израсне за вечноста во божествениот живот и заедница со Бога преку Христос во Светиот Дух. Единството на Црквата не се нарушува ни со времето, ни со просторот и не е ограничено само на оние што живеат на земјата. Единството на црквата е единство на Триблажената Троица и на сите оние кои живеат со Бога: светите ангели, упокоените праведници и оние кои живеат на земјата според Христовите заповеди и по силата на Светиот Дух.

Црквата е света бидејќи Бог е свет и бидејќи Христос и Светиот Дух се свети. Светоста на Црквата доаѓа од Бога. Членовите на Црквата се свети толку колку што живеат заедно со Бога. Во рамките на земната Црква, луѓето учествуваат во Божјата светост. Гревот и заблудите го одвојуваат од оваа божествена светост, како и од божественото единство. Верата и животот на Црквата на земјата се пројавуваат во нејзиното учење, во светите тајни, во светоотечките и другите вдахновени списи, во богослужбите и светителите кои го задржуваат суштественото единство на Црквата, и кои сигурно можат да се потврдат како свети поради Божјото присуство и дејство во нив.

Соборност на Православната Црква

Црквата е соборна заради својата врска со Бог Отецот, со Христа и со Светиот Дух. Зборот соборност (или католичност) означува полнота на која ништо не ѝ недостасува. Само Бог е полна и потполна реалност; и само во Бога ништо не недостасува. Соборноста на Црквата понекогаш се сфаќа во смисла на црковната севкупност низ времето и просторот. Вистина е дека Црквата е севкупна, универзална - за сите луѓе во сите времиња и сите места – но, таа просторна сеопфатност не е првото значење на зборот соборност кога тој се употребува за да ја означи Црквата.

Изразот соборност како што во почетокот ја означуваше Црквата (уште во првите децении на II век) беше повеќе определба на квалитетот, отколку на количината. Да се нарече Црквата соборна или вселенска - значеше да се одреди каква е, што значи - полна и потполна, сеопфатна и дека ништо не и недостасува.

Уште пред Црквата да се прошири низ светот, таа е означена како вселенска (соборна). Првобитната Ерусалимска, апостолска Црква или раните градски цркви во Антиохија, Ефес, Коринт или Рим беа соборни, вселенски - како што е и секоја Православна црква денес - зашто ништо суштествено не им недостасувало да бидат вистинска и потполна Христова Црква. Самиот Бог е потполно откриен и присутен во секоја Црква преку Христа и Светиот Дух, делувајќи во локалната заедница на верници со нејзиното апостолско учење, со свештенството (ерархијата) и со светите тајни, така што ништо повеќе не треба да и се додава за потполно да учествува во Царството Божјо.

Да се верува во Црквата како во соборна, вселенска, според тоа, значи - да се изразува уверението дека полнотата Божја е присутна во Црквата и дека ништо не ѝ недостасува од изобилието на животот кој Христос му го дава на светот во Духот. Тоа, всушност, значи да се iсповеда дека Црквата навистина е полнота иа Оној кој сè исполнува во сè.

Зборот апостол го означува оној којшто има задача, кој е испратен, да изврши наредба.

Во Светото Писмо не само што повеќепати се повторува дека Христос е испратен од Отецот, а Духот испратен преку Христа (од Отецот), туку јасно е забележено дека Христос е Апостол... на нашата вера. Како што Христос беше испратен од Бога, така и Тој ги одбра и ги испрати апостолите. Како што Отецот ме испрати мене, и јас ве испраќам... примете го Светиот Дух - им рече воскреснатиот Христос на своите ученици. Така, апостолите излегоа во светот, станувајќи вистински темел на Христијанската црква.

Во таа смисла Црквата се нарекува апостолска: прво, бидејќи се темели на Христа и на Светиот Дух - испратени од Бога и на оние апостоли кои Христос ги испрати полни со Свет Дух; и второ, бидејќи Црквата преку своите земни припадници и самата е испратена од Бога да го сведочи Неговото Царство, да одржува Неговиот збор и да ја твори Неговата волја и Неговите дела во овој свет.

Православните христијани веруваат во Црквата како што веруваат во Бог Отецот и во Христа и во Светиот Дух. Верата во Црквата е дел од христијанското исповедување на верата.

Православната Црква како божествена стварност

Црквата, е божествена стварност на Царството Божјо дадено на луѓето преку Христа и Светиот Дух; таа е божествена заедница основана од Господ Исус Христос и неа вратите на Адот нема да ја надвладеат. Црквата, и верата во Црквата, е суштествен елемент на христијанското учење и живот. Без Црквата - како божествена, мистична, светотаинска и духовна стварност во центарот на грешниот и паднат свет - не би постоела потполна и совршена заедница со Бога. Црквата Божја е дар на светот: Таа е дар на спасението, познавањето и просветувањето, простувањето на гревовите, победа над темнината и смртта. Таа е дар на заедницата од Бога преку Христа во Светиот Дух. Овој дар е даден, од Бога потполно, еднаш за секогаш, без остаток. Црквата останува засекогаш, до крајот на времето: несовладлива и неуништлива. Луѓето можат да грешат и да се борат против Црквата, верниците можат да паѓаат и да се одвојуваат од Црквата, но самата Црква е столб и тврдина на вистината, и затоа останува за секогаш.

...(Бог) сè покори под Неговите (Христовите) нозе и Него го постави над сè за глава на Црквата, која е тело Негово, полнота на Оној кој исполнува сè во сè.

Светиот апостол Павле за Црквата пишува:

... Зашто преку Него имаме... пристап при Отецот во едниот Дух. Така, значи, не сте повеќе странци ни дојденци, туку сте сограѓани на светиите и домашни Божји, наѕидани на темелот на апостолите и пророците, кај што аголен камен е самиот Христос, врз кого целата градба, складно споена, расте во свет храм во Господа, во кого и вие заедно се вградувате во престојувалиште Божјо во Духот.

Животот на Православната Црква

Црковниот живот е живот на луѓето во Пресвета Троица. Во Црквата сите стануваат едно во Христа, сите се облекуваат во обоготворената човечка природа на Синот Божји. Зашто вие кои во Христа се крстивте, во Христа се облековте. Единството на Црквата е соединетост на многумина во едното, единствено Тело Христово, во еден жив Храм Божји, во еден народ и семејство Божјо. Во рамките на тоа едно тело има многу поединечни припадници. Многу живи камења го сочинуваат живиот храм. Многу браќа и сестри го сочинуваат семејството на кое Бог му е Отец. Единствена различност на секој припадник на ова едно тело Христово е одредена со присуството на Светиот Дух. Секоја посебна личност е вдахновена со Светиот Дух за да биде вистински човек, вистинско чедо Божјо - на свој единствен начин. Така, како што Телото на Црквата е едно во Христа, едниот Свет Дух на секој припадник му дава можност да се оствари во Бога и така да биде едно со сите други, нарекувајќи го Бога Отец.

Понатаму, Црквата, како совршено единство на многу личности во еден потполно соединет организам, е одраз на самата Света Троица. Повикувањето на Црквата да биде една во сè е праобразец на повикот кон целото човештво, кое Бог првобитно го создал како многу човекови личности со една човечка природа и го назначил за вечно и совршено растење во слободното единство на Вистината и Љубовта, во животот на Божјото Царство.