Александар Солженицин

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 10:55, 8 август 2014; направена од Iacovibus (разговор | придонеси)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Александар Солженицин — (руски: Александр Исаевич Солженицын, 11 декември 1918 - 3 август 2008) бил руски и православен писател и нобеловец.

Живот

На 6-годишна возраст со мајка му заминува во Ростов на Дон. На универзитетот во Ростов завршува физичко-математички факултет. Сакал да студира и литература, но го спречува Втората светска војна. Престојувајќи на фронтот, Солженицин добил повеќе одликувања за храброст. Меѓутоа, во февруари 1945-та како офицер е уапсен поради критика на Сталин и советската литература. Имено, тој невнимателно му пишувал писма на својот другар Николај Виткевич, а воената полиција, контролирајќи ја поштата, открила антисталинист. Солженицин е осуден на 8 години затвор. Казната ја отслужува во Нов Ерусалим, а од 1950-та до 1953-та година престојува во логор во Казахстан.

Советските власти го доживувале Солженицин како најжесток критичар на системот. Затоа во 1969-та година тој бил исклучен од Сојузот на писателите на СССР. Оценувајќи дека е помалку опасен во странство, раководството на СССР на 12-ти февруари 1974-та го протерува од земјата. Тој е уапсен и префрлен во Западна Германија. Потоа живее во Швајцарија, во Цирих, за во 1976-та година да се префрли во САД, во местото Кавендиш, во државата Вермонт.

Солженицин бил „советски дисидент број 1", но сепак водел сметка да не ја повреди својата намачена нација. Тој не престанувал да го критикува социјалистичкиот систем, но во ниту еден случај не сакал да се валка образот на големиот руски народ. Поради изразениот патриотизам и православен етос, уште за време на животот во САД му била прикачена етикетата „религиозен мистик" и „руски националист".

Бил близок пријател на отец Александар Шмеман.

Дела

„Архипелагот Гулаг" (1973-1975) е големо 3-томно дело втемелено на преплетување на лични искуства и мноштво писма, белешки и други документи кои писателот ги добивал од поранешните сопатеници, а кои се собрани и обработени во крајно конспиративни околности. Тоа уништувачко обвинение на советскиот систем за пропаста и смртта на милиони луѓе ги скрши и последните комунистички апологети на Запад.

Други познати дела на Солженицин се расказот „Матрјонини денови", романите „Во првиот круг", „Онколошка клиника", „Август Четиринаесетта", „Црвено тркало", критичката автобиографија „Се бореше шутиот со рогатиот", драмите „Гозба на победникот", „Заробеници", „Република Рада", „Светлината што е во тебе", публицистичкото дел „Ленин во Цирих", сценаријата „Тенковите ја знаат вистината" и „Паразит".