Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Свети Петнаесет Тивериополски свештеномаченици

Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици своите животи ги положиле пред олтарот на светото Православие за време на владеењето на нечестивиот цар Јулијан Отстапникот (Апостат), кога христијанството претрпело страшни гонења и мачења.

Житие

Познато е дека Јулијан е син на Констанциј, брат на Свети цар Константин. Овие двајца, пак, се синови на Констанциј Хлор, кој имал две жени. Со првата жена, Теодора, имал три деца: Констанциј, Далмациј и Анавалнан; а со втората, блажената Елена, го родил светиот Константин. Кога умрел Константин Велики и скиптарот на исток преминал во рацете на Констанциј, војниците направиле бунт, во кој Далмациј Младиот, син на Далмациј, бил убиен од својот род. Браќата, пак, Гал и Јулијан, биле оттргнати од војничките мечеви. Во погодно време, Јулијан успева да ги надитри сите, па наместо брат му Гал, тој станува кесар и добива силна војска со која влегува во борба против варварите во Галија. Откако сфатил дека се наоѓа во позиција од каде ќе може да започне гонење на христијаните, Јулијан како прво издал наредба со која почнало обновување на старите незнабожечки храмови, а во исто време и рушење на христијанските светињи. Тогаш за време на неговото двегодишно владеење се случиле невидени злосторства врз христијаните. Но, колку што имало и гонење, толку повеќе се јавувале и исповедници на Христовото име, кои со својот живот ја запечатувале својата вера, добивајќи нераспадливи венци на слава. Во Македонија, двајца благочестиви мажи, Теодул и Тацијан, горазди по дух, влегле во еден од идолските храмови и ги испокршиле тамошните идоли. Тоа било знак дека и тука, на овие простори, имало мажи на кои помила им била верата во Христа Бога и вечниот живот, отколку привремените наслади и земни блага.

Јулијан се грижел неговата заповед да стигне насекаде. Сепак таа стигнувала некаде побргу, а некаде со задоцнување. Кога таа стигнала во Никеја, тогашен управник на градот бил Коментарисиј, човек прочуен по својата свирепост и злоба кон христијаните. Тој јавно, на градскиот плоштад ја прочитал оваа царска заповед, во која, на оние кои ќе се одречат од Христа им ветувал големи награди, а на оние пак кои нема да се одречат, им кажал дека им се приготвуваат страшни мачења. И навистина така и се случило: еден дел од граѓаните, кои темелот на својата вера го поставиле на песок, отстапиле од христијанството и се предале на идолопоклонството, а другите кои темелот го поставиле на цврсти основи, биле подготвени да примат разни мачења, а некои го напуштиле родниот град и заминале во други краишта со цел да ја шират Христовата наука и да спасат што е можно повеќе души.

Едни од нив биле Тимотеј и Комасиј (кој што се именува и како Етимасиј), Евсевиј и Теодор, кои не можејќи да гледаат повеќе како идолите се почитуваат, ниту паднатите и оние кои се одрекле загинуваат, а останатите во верата биле измачувани, ја напуштиле Никеја и се населиле во Солун. Но, откако и таму дознале за нив дека Го проповедаат распнатиот Христос, по кратко време го напуштиле и Солун и заминале во Тивериопол, на север од Солун (денешна Струмица). Тука, откако нашле малку слобода, го посеале семето на словото во нивите на душите и обработиле за Христа богата нива со многу класје. Освен словото тие имале и светол живот. Тимотеј станал епископ на тивериополската црква и со тоа свеќата била поставена на свеќникот. Комасиј, кој пак, порано бил војник, сега ги оставил војничките одликувања, го зел крстот и облечен во монашко одејание, се причислил кон војската на Христа Царот, и го проповедал словото на вистината. Евсевиј, исто така, бил вброен во монашкиот чин. Теодор бил пак, еден од 318-те свети и блажени, богоносни отци собрани во Никеја, кој го дополнил бројот на тие блажени со што бил удостоен со чин и дар на епископ. Тој ја објавил на Тивериополците светлината на благочестивата и православна вера. Така, сведочејќи за Христовото име во градот Тивериопол, тие набргу собрале поголема група на љубители на доброто. Тоа биле Петар, Јован, Сергиј, Теодор, Никифор, кои го фалеле Господа во презвитерски чин. Заедно со нив служеле Василиј и Тома во ѓаконски чин, а монаси биле Еротеј, Даниил, Харитон и Сократ, кој претходно бил војник. Тие кога се собрале сите заедно, воделе вистински ангелски живот, ден и ноќ поучувајќи се со Божјиот закон. Откако ги просветлилесите тамошни со светлината на познанието и им ги исцелиле нивните душевни слабости, тие не ги оставиле неисцелени и оние кои страдале од телесни болки и недостатоци. Сѐ што добиле на дар, на дар и го давале на оние кои имале потреба, барајќи само една цена, и тоа најскапата – верата во Христа Семоќниот.

По некое време веста за нив и нивниот живот стигнала и во Солун. Таму, пак, пребивале безбожните Валент и Филип и уредно ги исполнувале заповедите на Јулијан. Тие кога слушнале дека во Тивериопол живеат луѓе кои водат ангелски живот, прво имале намера да испратат свои воени заповедници за да ги убедат светите мажи да принесат жртва на идолите. Меѓутоа, тие одлучиле дека е подобро да не праќаат други луѓе туку тие самите да одат и да го покажат сето свое дивјаштво на дело. Откако стигнале во Тиверопол, веднаш наредиле да се постават високи и застрашувачки престоли, мислејќи дека светителите ќе се исплашат од глетката, и побарале пред нив да бидат доведени бестрашните мажи. Кога пристигнале светците, мачителите им рекле:

„ Цело царство се потчинува на царската наредба која гласи дека треба да се поклониме на бесмртните богови… Како само вие се покажавте, наспроти целиот свет, помудри од старите луѓе? “ Тогаш светите мажи, без нималку двоумење ја исповедале својата вера во Христа Бога. Тие слободно кажале дека и нивните елински писатели ги нарекуваат боговите неразумни и неморални и дека многу повеќе од нив ја разбираат незнабожечката религија. Но, во едни такви бајки бесмилено е да се верува, па затоа тие ја прифатиле верата во Христа, зашто само Он може да се нарече Бог.

Откако зборувале долго време, тираните, на можејќи повеќе да ги слушаат овие зворови на благочестивост, ги прекинале и им рекле да кажат кратко и јасно: дали ќе принесат жртва на боговите или не?

„ Никако “, одговориле мачениците, „ нема да принесеме жртва на демоните и на нивните идоли “.

Кога светителите дале таков краток и отсечен одговор, ѕверот на гневот во Валента и Филипа се разгорел, и бидејќи немале време да се задржуваат во Тивериопол, зашто државните работи ги терале да побрзаат и да се вратат во Солун, веднаш ги осудиле светителите на смрт со отсекување на главата. Кога ја извршувале смртната казна над нив, светиот Нетар со висок глас јавно ги изобличил мачителите и нивното безумство, па затоа го соблекле светителот гол, го легнале на земја, го тепале со стапови, па ткако му ги пресекле рацете, со меч го убиле. Но една жена, слепа од раѓање, почувствувала дека едната рака на светителот паднала до неа. Таа ја зела раката во својата шамија и кога ја однела дома прогледала. По извесно време раката ја однела во Солун, каде што ја положила во црквата посветена на добропобедната маченица Анастасија.

По убиството, телата на мачениците биле фрлени за да бидат изедени од кучиња, ѕверови и птици.Но, Бог ги запазил неповредени. Откако Валент и Филип се вратиле во Солун, христијаните кои имале повеќе храброст, ги зеле нивните тела, ги помажале, ги положиле во Тивериопол, секого во посебен ковчег, на кој било напишано името на секој од нив, каков живот водел и каков чин имал во Христа. По изминувањето на долга низа години, еден варварски народ, наречен Одри, кои доаѓајќи од југ во Тивериополските краишта, опустошил многу други градови, па и самиот Тивериопол, па не само што убивале невино население, туку и Божјите храмови ги срамниле со земјата. Тогаш и ковчезите на светителите останале затрупани со разурнатиот храм, во кој се наоѓале, па така останале долго време непознати за сите.

По извесно време Тивериопол потпаднал под власт на Бугарите кои најнапред биле непросветен и безумен народ, а потоа, со покрстувањето, за време на царот Борис, кој по крштението примил име Михаил, постанале христијански род. Во овие времиња светите маченици почнале да се појавуваат на местото каде што биле положени и ги гледале како одат ноќно време по бедемот, разделувајќи им на сите што им требаат големи исцеленија. Од таа причина, Царот Михаил дал заповед во Брегалничката епархија да се изгради нов храм и таму да се пренесат светите мошти. Таа заповед била дадена на некој Бугарин, болјаринот Таридин, кој бил доста благороден и на дело посведочен маж. Кога застанале на местото, врз кое се јавувале светителите и откако се помолиле долго и со многу солзи, почнале да копаат и да изнесуваат пластови. Окако копале долго време, најпосле стигнале до ковчезите. Тие биле покриени со мермерни плочи и потпишани со натпис врз кој било изложено името на секој од светителите, надворешниот изглед, начинот на живот, чинот и цртите на лицето. Меѓутоа, жителите на Тивериопол се побуниле на ваквата царска одлука, бидејќи не сакале да останат без своите заштитници. Откако долго време имало спор помеѓу Таридип и жителите, сепак, било одлучено да се земат телата на тројца од мачениците – Тимотеј, Комасиј и Евсевиј, а другите да останат во Тивериопол.

Моштите на овие маченици станале извор на разни чуда: некој човек цел живот имал искривени нозе, па штом се допрел до ковчегот на светителите, оздравел; многумина измачувани од нечисти духови нашле спас за својата душа и тело, прибегнувајќи со молитва кон светителите; глуви прослушувале; неми прозборувале; болни од лепра оздравувале и уште безброј чуда се случувале од телата на овие свети маченици.

Денес, во Струмичката епархија, изграден е храм кој го носи името на овие свети маченици. Житието го напишал светиот Теофилакт, архиепископ Охридски. Овие маченици пострадале во 361 или 362 година, на 28 ноември, кога и се слави нивниот спомен.

Химнографија

Тропар

глас прв
Како добар одред војнички е и овој Христе Твој собор новособран.
Не Си ги собрал дванаесет како Апостолите,
туку уште тројца Си им прибројал, против прелеста -
полк од свештени маченици.

Надворешни врски