Свети Николај Чудотворец

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 10:30, 19 декември 2007; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (Креирање на статија)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мириклиски е славен Божји светител кој се слави низ сиот свет. Славен е од како од Православните, така и од другите христијани и иноверци: муслиманите од Турција исто така многу го почитуваат овој светител. Зел учество на Првиот вселенски собор во Никеја, каде од ревност го нападнал еретикот Ариј.

Житие

Роден е во градот Патара, Ликија (на јужниот брег од Мала Азија), како единствено и измолено од Бога дете на верните, богати и угледни родители Теофан и Нина, кои решија да Му го посветат на Бога, принесувајќи Му така дар. Уште со самото негово раѓање, почна да твори чуда. Неговата мајка, Нона, чудесно се излечи од болестите откако го роди. На денот на неговото Крштевање, без човечка помош стоеше на своите нозе три часа, за што подостојно да ја прослави Пресветата Троица. Уште од најрана возраст, како бебе го почитуваше и се придржуваше на постот в среда и петок, така што не го прифаќаше мајчиното млеко во тие денови додека неговите родители не завршија со вечерните молитви. Како дете, со голем восхит пристапуваше кон проучувањето на Светото Писмо; преку ден не го напушташе Храмот, а ноќе се молеше и читаше книги на тој начин станувајќи достојно место за пребивање на Светиот Дух. Знаењето за духовниот живот Св. Николај го стекна преку својот чичко Николај, епископот Патарски, кој го назначи прво за чтец, а потоа и за свештеник. Ревносен за верата, овој млад свештеник имаше вера на Старец, чие почитување се зголемуваше од ден на ден. По смртта на родителите Николај им го раздаде наследениот имот на сиромасите и ништо не задржа за себе. Додека беше свештеник во Патара тој многу се прочу со делата на својата милостиња, иако ги криеше грижливо, за да го исполни зборот Господов: „Да не знае твојата лева рака што прави твојата десна рака“ (Матеј 6, 3).

Во тоа време постоеше еден богат човек во Патара, кој изгуби сѐ и не можеше да го прехрани своето семејство. Бидејќи имаше три ќерки стасани за мажење, а за нив немаше приготвено мираз, му дојде погубна мисла - да почне да ги продава телата на неговите ќерки, за да спечали некој денар и да може да се прехранат. Дознавајќи за неговата крајно погубна намера, свети Николај тајно го посети и му фрли кесичка со пари преку прозорецот, вардејќи да не го види случајно некој. Со тие пари, кој таткото ги најде, ја омажи првата ќерка. Истото овој светител го стори и за другите две негови ќерки, на тој начин спасувајќи го сето семејство од духовна смрт. Наскоро чичкото на овој светител реши да оди на свето поклонување во Ерусалим, препуштајќи му ја грижата за стадото на својот внук. Овој не само што се покажа достоен и вреден за довербата, туку сето тоа го правеше со крајна послушност и љубов. Откако неговиот чичко се врати од поклонението, свети Николај побара благослов за тој да оди во Светата Земја.

Се замонаши во манастирот „Новиот Сион“, основан од тој негов чичко.