Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Свети Козма и Дамјан

Светите Козма и Дамјан беа бесребреници и чудотворци и браќа по тело. Тие биле во Асија, а нивните родители биле од различна вера. Нивниот татко бил незнабожец, а мајка им била христијанка по име Теодотија. По смртта на нивниот татко, нивната мајка се погрижила да ги воспита своите деца во духот на Христовата вера, учејќи ги на постојано служење на Христа. А кога светите Козма и Дамјан пораснале и се утврдиле во беспрекорниот живот според Господовиот закон, тие постанале како два светиници на земјава, светлејќи со своите добри дела. За таквиот нивен живот од Бога добиле на лекување, па тие им давале здравје и на душите и на телата на сите оние кои со вера го повикувале името Господово. Покрај тоа што им помагале на луѓето, светите браќа ѝ помагале и на стоката, зашто без неа луѓето би биле сиромашни и не би имале со што да ја обработуваат земјата. А покрај тоа што несебично помагале, тие во се строго се придржувале до Христовата заповед “Бесплатно добивте, бесплатно давајте!” Сепак, и покрај овие големи чуда што ги правеле, светите браќа никогаш не ни помислиле дека тие лекуваат поради свое прославување и да имаат углед и чест на земјава, туку исклучиво за прославување на Бога и на Неговата семожна сила. Поради ова верните христијани ги нарекувале бесплатни лекари-бесребреници. Живеејќи вака бгоугодно на земјава, тие починале во мир. Но, светите Козма и Дамјан не биле прославени само за време на нивниот земен живот, туку и по нивната смрт, правејќи разни чуда и помагајќи им и понатаму на сите оние кои ги повикале за помош во своите молитви. За жал, до денес хагиографијата нема подетални информации за нивниот живот на земјава, но сепак дел од нивните многубројни чудеса се запишани и претставуваат доволен доказ за нивното светителство и застапништво пред Бога.

Чудеса

Некоја жена по име Паладија била многу болна од тешка и неизлечива болест. Откако се обидела секаде да добие помош за својата болест, таа лек не нашла, а на крај одлучила да ги повика светите браќа Козма и Дамјан да дојдат при неа и да ја излечат. Штом дошле кај неа, таа, според верата нејзина, постанала здрава, а како дар за лекувањето одлучила да им даде три јајца, бидејќи знаела дека пари не земаат. Светите браќа го одбиле овој дар, велејќки& дека тие дале завет пред Бога и немаат намера да го нарушат.Тогаш Паладија го повикала Дамјан насамо и го заколнала во името на Света Троица да го земе дарот. Откако го слушнал името на Троичниот Бог, Дамјан го зел дарот поради големата заклетва, со која таа го заколнала. Кога за ова дознал светиот Козма, оставил завет, кога ќе почине, неговото тело да не го погребуваат до телото на неговиот брат. И навистина, по извесно време починал светиот Козма, а кратко по него починал и светиот Дамјан. Тогаш луѓето биле во двоумење што да прават, бидејќи знаеле за заветот на Козма. И веднаш се случило чудо: во истиот момент дотрчала некоја камила, која била излече на од браќата, и проговорила со човечки глас: да не се двоумат во своите постапки и Дамјан да го погребаат до својот брат, зашто тој ги зел јајцата не како награда за себе, туку затоа што бил заколнат од Паладија во името на Бога. И така, нивните чесни мошти биле положени во местото наречено Фереман.

Еднаш, за време на жетвата, некој жител од тој крај, ја жнеел својата нива. Кога се уморил од трудот, легнал под сенката да спие. Но, додека спиел со цврст сон низ неговата уста во стомакот влегла змија. Кога се разбудил, тој не знаел што му се случило, па продолил да работи во својата нива. Вечерта, кога си отишол дома, почнале да го ммачат страшни болки, па викал на целиот глас. Во една таква агонија ги повикал светите бесребреници Козма и Дамјан да притекнат на помош. И веднаш се случило чудо. Болниот повторно заспал со цврст сон и пред очите на сите присутни излегла змијата, а болниот потполно оздравел. Сите присутни се зацврстиле во својата вера и Го прославувале Бога и неговите угодници.

Во Фереман живеел некој човек по име Малх, чија куќа се наоѓала во близина на храмот посветен на светите Козма и Дамјан. Имајќи намера да тргне на далечен пат, тој ја однел својата жена во црквата и пред иконата на бесребрениците ѝ рекол дека ја предава во нивна заштита и дека кога ќе ѝ испрати договорен знак, тој ќе ја повика кај себе. По неколку дена ѓаволот зел лик на некој нивни познаник, отишол во домот на Малх, ѝ рекол на неговата жена дека треба да тргне кај него, притоа кажувајќи ѝ го договорениот знак. Жената му рекла дека не му верува на овие зборови , а за да му поверува му рекла да отидат во храмот и таму, пред иконата на светите бесребреници, да се заколне дека е навистина испратен од нејзиниот маж. Ѓаволот тоа го направил, се заколнал и дал ветување дека по патот ништо нема да ѝ направи. Откако ја слушнала заклетвата, жената поверувала на лажливиот бес и тргнала со него. Но, по патот, ѓаволот ја однел во едно непроодно место, па посакал да ја мачи и да ја убие. Таа кога се видела во крајна опасност, ги подигнала своите очи кон Господа и повикала: „Боже, по молитвите на светите Козма и Дамјан, помогни ми и побрзај да ме избавиш од рацете на овој убиец!“ И одеднаш се појавиле светите бесребреници за да ѝ помогнат на жената. Ѓаволот почнал да бега, а светите браќа ја одвеле жената во својот дом. Жената, поклонувајќи им се, заблагодарила за прекресната помош.

За ова чудо набргу се слушало насекаде, акултот кон светите браќа сѐ повеќе јакнел и се ширел. Денес, во Македонија, има неколку храмови посветени на овие свети лекари, а нивниот култ поприлично е раширен. На иконите овие светители се претставени како лекари, кои во своите раце држат лекарски прибор.