Света Евхаристија

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 16:58, 18 март 2009; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (Тајната Вечера и Евхаристијата)
Прејди на: содржини, барај
Света Евхаристија

Светата Евхаристија во Православното Предание се вика Тајна на Тајните или Тајна на Црквата. Таа е срце на црковниот живот, извор и цел на сите црковни учења и установи. Зборот евхаристија значи благодарење. Општото значење на Евхаристијата како господова трпеза е благодарење на Бога во Христа и Светиот Дух, за сè што Тој направил во создавањето, спасението и прославување на светот.

Тајната Евхаристија исто така се вика и Света Причест, зашто таа е мистична заедница на луѓето со Бога, на едни со други и заедница на сите луѓе и сите созданија во Бога преку Христа во Светиот Дух.

Тајната Вечера и Евхаристијата

На Тајната Вечера, Господ Исус Христос за прв пат ја востановува Светата Тајна Евхаристија. Како што може да се прочита во Новиот Завет:

И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете, јадете; тоа е Моето тело.“ Потоа ја заеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина. “

Господ ја нагласи важноста на оваа света тајна (Јован 6,53-54):

„Вистина, вистина ви кажувам; ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден.“

Оваа заповед, и оваа света тајна апостолите и првите Хрстијани ја вршеле редовно. Постепено на светата тајна Причестување се додавале други молитви, песни и проповеди, и така настанала Светата Литургија или централното богослужење во Црквата.

Бескрвна Жртва

Жртвите постојат уште од Стариот Завет, и тоа како крвни жртви, при кои се принесувале: овци, кози, грлици и гулаби, и бескрвни: класови, брашно, зејтин, темјан, леб и вино. Според својата цел, пак, тие се делеле на жртви сепаленици (за грев и кривица) и жртви на мир и спасение (жртви на фалење и благодарност).

Старозаветните жртви не можеле да ја отстранат вината на прародителскиот грев, иако биле заповедани од Бога. Тие биле само знаци и символи кои укажуваат дека човекот пред Бога е грешен и треба да копнее за искупување, и го наговестувале тоа што требало да се случи во иднината, т.е. големата Жртва на помирувањето – Господ Исус Христос. И токму тоа што жртвите на Стариот Завет не успеале да го сторат, беше остварено преку жртвувањето на Агнецот Божји, овоплотениот и единородниот Син Божји.

Литургијата, како Света Жртвена богослужба, е Жртва на потполно почитување (од Синот кон Отецот); Жртва на потполно помирување (преку оваа Жртва човештвото се помири со Бога); Жртва на потполна молба и Жртва на потполна благодарност (Бог покажа најголема добрина кон луѓето со Жртвата на Својот Син, а луѓето не може подобро да ја изразат својата благодарност, од тоа кога постојано се сеќаваат на таа добрина во Светата Литургија).

Литургијата е постојана Жртва на Новиот Завет, во која Исус Христос, во вид на леб и вино, на бескрвен начин се жртвува, со рацете на свештеникот, на небесниопт Отец, како што некогаш се жртвуваше на Крстот на крвен начин. Светата Литургија по својата суштина е истата Жртва како и таа која Христос ја принесе на Крстот, и тоа со една и иста цел: за простување на гревовите на светот.

Само начинот на жртвувањето е различен: Жртвата на Крстот беше крвна, а тука станува збор за жртвување на прославениот Христос на бескрвен начин; на Крстос Синот Божји се жртвува само еднаш и на едно место, а овде повеќе пати и на многу места; на Крстот – за да ни стекне богатство на дарови, а овде за да нè причести со изворот на Своите дарови.

Символизмот на Евхаристијата

Православната Црква го отфрла учењето за тоа дека евхаристиските Свети Дарови се само интелектуални и психолошки симболи. Меѓутоа, зборувајќи за евхаристиските Дарови, православното предание, сепак, често го употребува терминот символи, а литургијската жртва ја нарекува духовна и бескрвна.

Црквата се користи со овие зборови затоа што во Православието - реалното, изворното, стварното не му се спротивставува на символичкото, духовното или мистичкото. Напротив, според православното гледиште сета стварност: светот и самиот човек - се реални и притоа и символични и мистични до таа мерка, што самата таа стварност ни го открива и објавува Бога.

Евхаристијата во Православната црква е сфатена како вистинско Тело и вистинска Крв Христова. Така, јадејќи го лебот и пиејќи го виното коишто се мистично осветени со Светиот Дух, имаме вистинско соединување со Бога преку Христа којшто самиот се нарекува Леб на животот (Јован 6.34,41).