Света Гора
Света Гора е планина и висорамнина во Грција. Таа е еден од Православните центри во светот. Се наоѓа на полуостровот Халкидики, на северот од Грција, или поточно на најисточниот крак од Халкидики - Атос.
Атос е планина и полуостров во северна Грција наречено Аγιоν Оρоς на грчки, или Ἅγιον Ὄρος на класичен грчки. Атос е седиште на 20 православни манастири и е автономна држава под грчки суверенитет. Само на монасите им е дозволено да живеат на Света Гора, и моментално на неа живеат околу 2.000 монаси. Полуостровот, како дел од поголемиот полуостров е долг 60 km, а широк 7 до 12 km и има површина од 390 km².
Предание
Според едно старо предание, Пресвета Богородица пловела заедно со Свети Јован Богослов кон Јопа во Кипар, во посета на Лазар. Кога бродот со кои пловеле бил истуркан од бурата надвор од курсот, на тогаш паганскиот Атос, тие биле присилени да допрат во близина на пристаништето Клемент, во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица излегла на брегот, и воодушевена од убавината на природата која ја видела таму, ја благословила и Го замолила својот Син да ја претвори во нејзина градина. Потоа се чул глас: „Нека ова место биде твое наследство и твоја градина, рај и небо на спасението за сите оние кои го бараат спасението!“ Од тој момент планината е посветена на Мајката Божја, како нејзина градина, во која не е дозволено да стапне ниту една друга жена.
Историја
Света Гора, како манастирска заедница формално е основана во 963 година, кога монахот Атанасиј го основал манастирот Голема Лавра, најголемиот и најзначајниот манастир до ден денес. Манастирот бил заштитен од византискиот цар во текот на следните векови. Четвртата крстоносна војна во 13 век донел нови, римо-католички владетели кои ги присилиле монасите да бараат заштита од папата Иноцентиј III до обновувањето на Византиското Царство. Исто така, каталонски платеници во 14 век вршеле кражби на Света Гора.
Кога во 15 век дошло до конечен крај на Византија, власта над Света Гора ја превзела Отоманската империја. Од самиот почеток тие наметнале огромни давачки на монасите, но не интервенирале на никаков политички начин. Бројот на монасите и нивното богатство опаѓале во следните векови, но во 19 век Света Гора повторно заживеала, преку поклоничките патувања и доаѓањето на монаси од другите православни земји, при што секоја од нив ја превземала грижата за дел од манастирите. По завршувањето на Првата балканска војна и протерувањето на Турците постоел конфликт помеѓу Русија и Грција околу суверенитетот, за подоцна и формално полуостровот да потпадне под грчка власт по завршувањето на Втората светска војна.
Според грчкиот Устав, планината Атос е политичка самоуправа која ја сочинуваат 20 главни манастири (кои од своја страна ја сочинуваат Светата заедница која управува со територијата), а главниот град и админстративниот центар, Кареја, е седиште на гувернерот како претставник на грчката власт. Духовно, Света Гора е под директна јурисдикција на вселенскиот патријарх од Цариград. Покрај манастирите постоја уште и 12 скитови, помали монашки заедници, како и многу осамени монашки ќелии на целата територија на полуостровот. Сите личности кои го живеат манастирскиот подвиг на таа територија, стануваат грчки државјани без никакви формалности, по нивното монашење. Мирјаните можат да ја посетат Света Гора, но со посебна дозвола и благослов.
Ниту една жена нема пристап на Атос. Дури и животните женки се забранети (освен, како што велат, мачки и кокошки, од чии жолчки - јајца се прават боите кои се користат при иконописот).
Јазици
Грчкиот јазик е во општа употреба во сите грчки манастири, но во некои манастири се говорат и други јазици; на пример, во Свети Пантелејмон се говори руски, во Хиландар - српски, во Зограф - бугарски, а во скитите Продрмос и Лаку романски. Голем дел од тамошните монаси говорат и англиски јазик.
Уметничко богатство
Атоските манастири имаат богати ризници на средновековни богатства, како икони, литургиски одежди, крстови, путири, кодекси и други Христијански документи, свети мошти и друго. Во минатото не постоеле организирани студии и архивирање на богатството, но во скоро време Европската Унија основа фонд кој започна со каталогизација, заштита и реставрација на ова богатство. Исто така, повеќето православни земји започнаа да се грижат за уметничкото богатство на своите манастири на Света Гора.
Дваесет манастири со самоуправа
Според податоците од 2001-ва година, на Атос живеат 2 262 жители. На Света Гори се наоѓаат 20 манастири. Во заградите се наоѓа бројот на монаси за секој манастир соодветно:
- Манастир Голема Лавра (64)
- Манастир Ватопед (163)
- Манастир Ивирон (71)
- Манастир Хиландар (92)
- Манастир Дионисијат (71)
- Манастир Кутлумуш (86)
- Манастир Пантократор (25)
- Манастир Ксиропотам (25)
- Манастир Зограф (48)
- Манастир Дохијар (3)
- Манастир Каракал (60)
- Манастир Филотеј (57)
- Манастир Симонопетра (94)
- Манастир Свети Павле (112)
- Манастир Ставроникита (42)
- Манастир Ксенофонт (123)
- Манастир Григоријат (107)
- Манастир Есфигмен (121)
- Манастир Пантелејмон (88)
- Манастир Констамонит (44)
Во скитовите и келиите живеат уште околу 290 монаси.