Отвори го главното мени

Православна-енциклопедија β

Епектаза

Епектаза (гр. επεκτασις, искачување) е учење кое е дел од теологијата на свети Григориј Ниски според кое душата на човекот, привлечена од Бога, се наоѓа во непрекинато движење нагоре, кон повисоките степени на полнотата во благодат. Тоа искачување (αναβασις) е воодушевувањето од Бога кое, според Дионисиј Ареопагит, божествениот ерос го запечатува како динамичен елемент во човечкото битие. Тоа претпоставува постојано ослободување од страстите (καθαρσις) и духовно растење кон полнотата Христова (Еф. 4,13). Библиски символ на епектазата е светиот пророк Мојсеј, «кој воопшто не запира во своето искачување, ниту пак определува за себе граница на висината, туку, штом зачекорил на лествицата, не престанува да се искачува по тие скалила и постојано настојува да се вознесува, оти секоја од скалите на која се искачува му овозможува да напредува и да се искачи на следната, повисока (скала).» (Григориј Ниски, „Живот Мојсеев“, Θεογια II, 227)

Епектазата значи напредување во добродетелите и делувањето, затоа што христијанинот никогаш не треба да се одрекува од она што го добил, туку треба да продолжи со она што го добил: „А сега довршете го започнатото дело.“ (2 Кор. 8,11) Во духот на Преданието следењето на Христос се поистоветува со Неговото откривање, или Неговото манифестирање од кенотичка до таворска форма, преку заедничарењето со Светиот Дух. Токму поради тоа христијанинот во текот на усовршувањето е стимулиран да тежнее кон повисокото: „Покажувајте ровност за поголеми дарби; а јас ќе ви покажам уште подобар пат.“ (1 Кор. 12,31) Гаснењето на полетот кон Бога истовремено претставува и намалување на енергијата на личноста.