Господ Исус Христос

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 14:21, 28 декември 2008; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (Надворешни врски)
Прејди на: содржини, барај
Икона на Господ Исус Христос од манастирот Св. Екатерина на Синај
Оваа статија е дел од серијата
Вовед во
Православието
Пресвета Троица
Бог Отец
Бог Син
Бог Свет Дух
Свето Предание
Свето Писмо
Символ на верата
Вселенски собори
Свети Отци
Литургија
Канони
Икони
Православна Црква
Еклисиологија
Историја
Свети Тајни
Уреди ја кутијата

Господ Исус Христос е Син Божји, Слово (Реч, Логос) Божјо, второто лице (ипостас) на Пресвета Троица, вистински Бог, вистински човек и Вистински Богочовек, единороден од Отецот, воплотен од Светиот Дух и Пресвета Богородица, Чие Страдание и Воскресение го ослободи човештвото од гревот и смртта. Името Исус доаѓа од грчката форма Ιησους која пак произлегува од хебрејското Јешуа, што значи „Јахве спасува“. Христос пак, е транслитерација на грчкото Χριστος, кое доаѓа од хебрејскиот Mashiach („Месија“), со значење „Помазаник“.

Христологија

Како втора испостас на Пресвета Троица, Господ Исус Христос е Боголичноста пред која на необичен и чуден начин наидува човечкиот ум и срце. Самата Негова Личност е невозможно да се спознае без Божја помош, за што и Самиот Тој сведочи. Дури и неговите непосредни ученици и следбеници, кои секојдневно биле со Него, ги гледале чудата кои ги вршел, ги слушале Неговите поуки и беседи, не биле способни сами по себе, со моќта на човечкото познание да Ја сфатат Неговата личност. Не ретко Тој ги прашува нив Кој е Тој, при што добива различни и често несигурни одговори. Но кога на крај му одговараат дека „Ти си Хрустос, Син на Живиот Бог“, Господ им посочува дека таа вистина за Него им е откриена не од нивниот човечки ум и срце, туку од Отецот небесен. Токму поради тоа Тој вели дека "никој не може Исуса да Го нарече Господ освен преку силата на Светиот Дух“.

Постојат три вистини за Исуса Христа, кои се сведуваат на една, а тие се:

  1. Исус Христос е вистински Бог
  2. Исус Христос е вистински човек
  3. Исус Христос е вистински Богочовек.

Секоја мисла, секој збор, секое дело на Господ Исус Христос како основа Го има Бога; единствената можна реалност која се открива во личноста на Исус од Назарет е Неговото Божество, и само во Бога Неговата личност е реална, трајна и вечна. Историски гледано, Исус се објавува Себе како Бог во тело, и тоа е основната реалност на Новиот Завет. И неговите дела се дела на жив Бог: исцеление од разни болести, опростување на гревови, воскренснување н мртви, страшниот суд, победата на смртта, дарувањето на вечен живот. Таа линија се продолжува во сведочењето на Неговите ученици, кои творат исто така божествени дела. Оваа вистина е изобразена во шест члена (од вториот до седмиот) на Символот на верата.

Христос е и вистински човек; непријателите на Христијанството често ја оспорувале божествената природа на Христос, но речиси никогаш човечката (уште и самите Евреи наумиле да Го убијат, потврдувајќи ја Неговата човечка природа). И сведоштвата на апостолите држат до тоа дека Христос е вистински човек, потполн и совршен, Кој е на натприроден начин роден од Пресвета Богородица и Светиот Дух (Лк.1,26-55; 2,4-16; Мт.1,18-25), и Е безгрешен, слободен од прародителскиот грев при што дури ни фарисеите, Неговите најжестоки противници не можеле да најдат макар една грешка во Неговиот живот, учење и делување.

Овие две вистини се слеваат во едната вистина: дека Исус Христос е вистински Богочовек, една Личност, која во својата Божествена личнот ја прима човечката природа и ги соединува во неделиво единство во личноста на Логосот Божји. Новозаветното откровение јасно сведочи дека Богочовекот секогаш се чувствува и осознава себе како едно лице. Исто така и апостолите еднодушно чувствуваат, сознаваат и исповедуваат дека Богочовекот е една единствена личност, неделива и неизменлива, и како таков Христос ја открива тајната на Бога и тајната на човекот, станувајќи темел на Христијанството.

Христос во Православната вера

Во Стариот Завет

Месијанизмот, како една од главните одлики на Стариот Завет и најсилна идеја воопшто кај Израилот е сврзувачката нишка преку која може да се воочи објавувањето на Господ Исус Христос во Стариот Завет. Уште на самиот почеток, по падот на човекот, Бог дава ветување дека потомството на жената ќе се спротивстави на непријателот и ќе го погуби, со што е дадена надежта за Божјата икономија на спасението. Еврејската есхатологија е проникната од Месијата, Кој е сметан за царски и свештенички Месија, посредник на спасението, Слуга на Јахве и Син Човечки Кој би го воспоставил Царството Божјо. И додека секој цар од Давидовата лоза е сметан како Месија (династиски месијанизам започнат од пророкот Натан) кој ја исполнува Божјата промисла за Израилот, сепак идејата за историски цар полека е напуштана и се очекувало едно апсолутно време на Неговото владение во мир, правда и благосостојба. Сите пророштва, и песни, и списи од Стариот Завет треба и мора да се читаат христоцентрично, и тоа е главната премиса на херменевтиката.

Во своите пророштва, пророкот Михеј (во петта глава) зборува дека и покрај опасноста за Ерусалим и Давидовата лоза, сепак ќе дојде спасението од Витлеем, родното место на Давид. Тука е наговестено дека „Таа што треба да роди“ ќе дојде од Давидовата лоза, што и се исполнува преку Пресвета Богородица. Светиот пророк Даниел во своето видение Го гледа Синот Човечки како иде на облаците, како знак на спротивност на четирите ѕверови. Пророкот Исаија го премостува династискиот месијанизам кон личен, чиј предвесник е пророкот Еремија: Месијата нема да биде историски цар, туку премудар и праведен владетел. Исто така, и пророкот Езекија зборува за идниот Месија и нов Давид, додека Захарија во деветтата глава зборува дека месијанскиот цар ќе се одрече од раскошот на историските цареви и ќе влезе во Ерусалим на магаре како кнезовите од старите времиња. Тој ќе биде предмет на правдата, моќната Јахвина заштита, Носител на спасението, победник со Божјата помош - понизен. Господ Исус Христос ова пророштво го исполни со Неговото Влегување во Ерусалим. Захарија говори и дек а Тој ќе биде предаден за 30 сребреници, што исто така се исполнило.

Исаија во 8 век пред Христа говори за раѓањето на Емануил (што значи „со нас е Бог“), роден од девица, Кој ќе биде Спасител и учител, и ќе врши чуда. Но Исаија оди чекор напред, и говори за Слугата на Јахве Кој е избран и исполнет со Дух, и Кој има национална и универзална задача. Како трпелив и понизен слуга, Тој со своето трпение и смрт ќе го исполни планот на Јахве кој се состои во оправдание на грешниците и на сите народи.

А Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите ради ние се излекувавме. Сите ние бевме заблудени како овци, се отстрани секој од патот свој, - и Господ ги возложи врз Него гревовите на сите нас. Он беше измачуван, но стадаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како овца Он беше одведен на колење, и како што е јагнето пред стрижачите свои безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја... Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја ќе види светлина. Праведниот Слуга Мој ќе ги оправда мнозина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе. Затоа Јас ќе Му дадам големо наследство, со силните плен ќе дели, зашто душата Своја на смрт ја предаде, и меѓу злодејците беше вброен и ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник. (Исаија 53, 5-7; 11,12)

Токму во Страдалнот Слуга се согледува единството на двата завети, Стариот и Новиот, во страданијата на второто лице на Пресвета Троица, Господ Исус Христос.

Во Новиот Завет

Новозаветните списи, забележани од Христовите следбеници прикажуваат различни аспекти од Христовиот живот.

Евангелието според Матеј го прокажува Исус како Спасителот, преку Кого се исполнети Божјите ветувања од Стариот Завет; пораката на ова евангелие е дека Христос е овоплотен не само заради Евреите, туку и поради спасението целиот свет. Исус е прикажан како голем Учител Кој има апсолутен авторитет за толкување на Божјиот Закон и поучување за Божјото Царство. Евангелието според Марко Го прикажува Исуса како Син Божји, Богочовек во движење, динамика. Неговиот авторитет е изложен во Неговото учење и силата над демоните и власта за простување на човечките гревови. Христос за Себе зборува како за Син Човечки, Кој го дава својот живот за ослободување на луѓето од ропството на гревот и смртта. Во ова евангелие најчесто се изложени Христовите дела и чуда, а поретко и Неговите зборови.

Светиот апостол Лука во негово евангелие Го прикажува Господ Исус Христос како ветениот Месија на Израилот, и како Спасител на сето човештво. Во тоа евангелие се наѕира голема радост и грижа за луѓето и нивната природа. Нагласена е важноста на молитвата, а посебно внимание се обрнува на Светиот Дух, улогата на жените во Христијанството, како и Божјото простување на гревовите.

Јовановото Евангелие, го прикажува најдлабокиот теолошки аспект на Христовото учење и живот: Исус е претставен како Логос, Реч Божја, која се овоплотила, и живеела меѓу нас, и извршила многу чуда, за да ја распламти верата на луѓето во Него, и преку верата и љубовта да бидат спасени. Свети Јован Богослов го нагласува дарот на вечниот живот кој доаѓа преку Христа на оние кои Го прифаќаат како Вистина, Пат и Живот.

Земниот живот на Господ Исус Христос

Видете исто така

Надворешни врски