Недела на Чесниот Крст
Недела на Чесниот Крст е третата недела на Великиот пост, позната и како Крстопоклона недела. Службите од оваа недела вклучуваат посебно чествување на Крстот, со што верните се подготвуваат за споменот на Распнувањето во Страстната седмица.
Содржина
Значење
Оваа недела Црквата ја посветува на богооткриената вистина дека на Крстот Христос бил положен како „Божја сила и Божја Премудрост“ (1Кор 1,24). Оваа недела на средината на Велигденскиот пост крстот е поставен на средината на црквата, не само за да ги потсети верните на покајание и да ги поттикне во продолжувањето на подвигот, но и да ги потсети дека „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене.“ (Матеј 10,38)
Историско значење
Историското значење, кое се согледува во химнографијата на оваа недела, е победата и радоста на крстот. Светите Отци го поистоверуваат живототворниот крст со дрвото на животот и токму затоа го „засадиле“ во средината на Великиот пост. Крстот е дрвото кое било посадено во рајската градина, и преку него верните се потсетуваат на благословеноста Адамова и неговото отпаѓање од неа.
Духовно значење
За ранохристијанските катихумени, духовното воздигнување за време на постот од оваа недела се менува: од личната вера и личните борби, кон Христа. Црквата од овој момент започнува да учи дека Христовиот Крст е тој кој спасува; човекот не може да го земе својот крст и да Го следи Христа, освен ако неговиот крст не е Христов, односно крстот кој го спасува човештвото. Земајќи учество во тоа дрво, човекот нема веќе да умре, туку вечно ќе живее.
Сето ова се прави за да се возобноват силите, и да се охрабрат оние кои го постат постот. Апостолот се чита од Посланието кон Евреите 4,14-5,6 и го објаснува Христовото свештенство, а Евангелието е Марково 8,34-9,1 и завршува со следните зборови: „И им рече: “Вистина, ви велам: тука стојат некои, што нама да вкусат смрт, дури не го видат царството Божјо, дојдено со сила.”
Химнографија
Тропар
- глас четврти
- Спаси ги Господи, Твоите луѓе и благослови го Твоето наследство;
- дарувај му на нашиот Православен народ победи над неприателот
- и чувај го со Твојот животворен Крст.
Кондак
- глас седми
- Вратата на рајот повеќе не ја чува пламениот меч,
- зашто на негово место дојде крсното дрво; осилото на смртта отапе,
- и победата на адот се протера, зашто Ти си застанал пред него, мој Спасителе,
- викајќи им на оние во адот: Влезете пак во рајот.
Видете исто така
- Синаксар на Третата седмица од Светиот Пост
- Велигденски пост
- Недела на Православието
- Недела на Свети Григориј Палама