Свето Богојавление

Од Православна-енциклопедија
Преработка од 21:42, 18 јануари 2008; направена од Iacovibus (разговор | придонеси) (New page: '''Свето Богојавление''' – (Теофанија, некаде познато и како Епифанија) е еден од дванаесетте Господови п...)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Прејди на: содржини, барај

Свето Богојавление – (Теофанија, некаде познато и како Епифанија) е еден од дванаесетте Господови празници. Може да се каже, дека Рождеството и Крштението Негово, сочинуваат едно торжество – празникот Свето Богојавление). Имено, во единството на овие празници на светот му се јавуваат сите три личности на Пресвета Троица. Заради ова празнично единство, во периодот од Божик до Водокрстот пред Богојавление - не се пости.

Значење

Крштение Господово

Во витлеемската пештера се роди во тело Синот Божји, а при Неговото Крштение, од отвореното небо „Светиот Дух слезе на Него во телесен вид, како гулаб” и бил слушнат гласот на Бог Отецот, „кој вели: Ти си Мојот возљубен Син; во Тебе е Мојата благонаклоност!” Светата Црква на празникот Крштение Господово ја утврдува нашата вера во највисоката, за разумот недостижна Тајна на Трите Личности на Едниот Бог и нè учи рамночестно да ја исповедаме и прославуваме Света Троица - Едносуштна и Неразделна.

Св. Јован Златоуст пишува, дека „не денот, во кој се родил Спасителот, треба да се нарекува јавување, туку оној ден кога Тој беше крстен. Не преку Своето раѓање Тој на сите им стана познат, туку со Крштението, па затоа и Богојавление се нарекува не денот, во кој Тој се роди, туку оној ден, во кој се крсти.”

За настанот на самото Крштение Господово може да се раскаже следното. Господ наш Исус Христос, кога се вратил од Египет по смртта на цар Ирод, растел во малиот град Назарет, кој се наоѓа во Галилеја. Со Пресветата Своја Мајка престојувал во тој град до Својата триесетта година, заработувајќи за Себе и за Пречистата Девојка со занаетот на праведниот Јосиф, кој бил дрводелец. Кога наполнил триесет години во Неговиот живот на земјата, то ест кога ја достигнал возраста, пред која според еврејскиот закон на никого не му било дозволено да поучува во синагогите и да прима свештенички чин - настапило времето за Неговото јавување на Израилскиот народ. Но, пред тој момент, според пророчкиот збор, морало на Израилот да се јави Предтечата, за кого прорекол и пророкот Исаија, а кој имал задача да го приготви народот Израил за примање на Месијата. Свети Јован Претеча одел по целата јорданска земја, „проповедајќи покајно Крштение за проштевање на гревовите” (Лк. 3, 3). Целата јудејска земја и жителите на Ерусалим излегувале за да ја слушнат неговата проповед и се крштевале кај него во водите на реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови (Мк. 1,5). Меѓу јудејците, кои доаѓале кај Јован, природно се поајавило прашањето: Не е ли Тој, очекуваниот од сите - Избавителот, Утехата Израилева? Крстителот пак, во одговор рекол: „По мене доаѓа Посилен од мене, на кого сум недостоен да му го одврзам ременот од неговите обувки; јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крсти со Светиот Дух” (Мк. 1, 7-8). И ете, во еден од обичните денови, кога Јован со проповед се обратил кон насобраните јудејци крај Јордан, Тој преку Светиот Дух, го познал меѓу луѓето Оној пред Кого тој триесет години порано затреперил во утробата на својата мајка. Исус дошол од Галилеја на Јордан, за да прими Крштение од Јован заедно со сите други. „Јован пак го задржуваше и му велеше: јас треба да бидам крстен од Тебе, а Ти ли доаѓаш кај мене?” (Мт. 3, 14) Свети Јован кога го видел пред себе Синот Божји кој нема грев, самиот побарал од Него крштевање, како човек кој го наследил гревот на непослушноста, првородниот грев кој преминал од Адам на целиот човечки род. „Но, Исус му одговори: остави сега, зашто така ни приличи да ја исполниме секоја правда” (Мт. 3, 15). Тој немал потреба од тоа крштение како безгрешен и непорочен, како роден од Пречистата Дева Марија и Самиот, според своето Божество – Извор на секоја чистота и светост, но, така како што Тој ги зел на Себе гревовите на целиот свет, така дошол и во Јорданските води, за нив да ги очисти преку Крштението. Тој отишол да се крсти за да ја освети со Себе водната стихија, за и нам да ни ја дарува бањата на светото крштение, која е наречена и бања на повторното настанување. Тој отишол да се крсти уште и затоа, за Јован да го види исполнувањето на Божјиот збор, кој му заповедал да излезе од пустината: „На Кого ќе видиш Духот да слегува и да останува на Него, Тој е којшто крштева со Светиот Дух” (Јн. 1,33).

Празнување

Корените на празникот Богојавление водат до апостолските времиња. За него се спомнува во Апостолските установи. Од II век е зачувано сведоштво од св. Климент Александриски за празнувањето на Крштението Господово и за ноќно Бдение што се служело пред овој празник.

Во спомен на Крштението, при кое Исус Христос се потопил во Јорданските води, Православната Црква од дамнини во навечерието и на самиот празник извршува големо осветување на водата. Празничното осветување на водата својот почеток го има во традициите на Ерусалимската Црква, каде уште во I век на Христијанството се извршувало празнично излегување кон реката Јордан, за спомен на крштението на Спасителот со правење водосвет. Според древната традиција, на овој ден, по празничната света Литургија, се прават црковни литии на реки, базени и извори каде се врши чинот на големо осветување на водата.

Во древната Црква било обичај огласените т.е. кандидатите за крштевање да се крстат во навечерието на Богојавление, бидејќи Крштението е духовно просветување на луѓето.

Химнографија

Тропар

глас први
Кога во Јордан се крштеваше Господи, се покажа Троично поклонение:
оти, Родителскиот глас Те сведочеше Тебе, возљубен Син именувајќи Те,
и Духот во вид на гулаб известуваше на зборовите потврдување.
Тебе Кој се јави Христе Боже и светот го просвети, слава Ти.

Кондак

глас четврти
Се јави денес на вселената,
и светлината Твоја, Господи, се означи на нас,
во разумот на тие што Те пеат: дојде и се јави
Светлино Непристапна.

Величание

Те величаме Тебе, Животодавецу Христе,
Кој заради нас сега со плотта се крсти
од Јован во Јорданските води.

Надоврешни врски

Блог Свиток Свето Богојавление на страницата на МПЦ

[en:Theophany]